Пописот во 2031 година, дигитализацијата и недостигот од кадар – директорот на Државниот завод за статистика за предизвиците со кои се соочуваат

На 20 октомври се одбележува Светскиот ден на статистиката – гранка на математиката која се однесува на прибирање и интерпретација на податоци. Имајќи ја предвид комплексноста на технологиите, глобалната економија и модерното општество во кое живееме, статистичките информации се од суштинско значење за процесот на носење одлуки и политики во едно општество.

Во Македонија, основен носител и координатор на статистичкиот систем на земјата е Државниот завод за статистика. Тоа е одговорна институција за меѓународната соработка во областа на статистиката, како и за дефинирање на статистичките методологии и стандарди и за обезбедување заштита на индивидуалните податоци што се прибираат од индивидуални лица и од правни субјекти.

Токму оваа институција служи како „очи и уши“ на државата, овозможувајќи им на Владата, бизнисите и граѓаните да носат одлуки базирани на точни факти, а не на претпоставки.

Во интервју за Скопје Инфо, директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков сподели информации за предизвиците и за идните планови на институцијата, како и за досега сработеното откако е на чело на Заводот.

Тој вели дека во изминатите две години, работењето на Заводот било насочено кон унапредување на институционалните капацитети, модернизација на статистичките процеси и создавање услови за поефикасно, поодржливо и посовремено производство на официјалната статистика.

Во овој период, Станков наведе дека се издвојуваат три клучни приоритети кои имаат суштинско значење за понатамошниот развој на институцијата: управувањето со човечките ресурси, унапредувањето на начинот на прибирање, обработка и користење на статистичките податоци и дигитализацијата на статистичкиот производ.

„Првиот и воедно најголем предизвик е управувањето со човечките ресурси. Државниот завод за статистика се соочува со сериозен недостиг на кадар, при што приближно 50 отсто од предвидените работни места не се пополнети. Оваа состојба значително го отежнува секојдневното работење, имајќи предвид дека институцијата е одговорна за спроведување сложени статистички истражувања, обработка и анализа на податоци, како и за навремено објавување квалитетни и релевантни статистички информации. Токму затоа, по преземањето на раководната функција, управувањето со расположливите човечки ресурси го поставив како еден од моите највисоки приоритети. Во услови на ограничени кадровски капацитети, неопходно е внимателно планирање, правилно распределување на работните задачи, утврдување јасни приоритети и максимално искористување на постојната експертиза и знаење на вработените“, истакна тој.

За унапредувањето на начинот на прибирање, обработка и користење на статистичките податоци, Станков вели дека фокусот бил ставен на постепено модернизирање на статистичките процеси, поголема употреба на административните извори на податоци и нивно соодветно искористување за статистички цели.

„Со ваквиот пристап се настојува постојните податоци да се користат поефикасно, при истовремено почитување на методолошките стандарди, доверливоста и квалитетот на официјалната статистика. На овој план во овие две години е доста постигнато, особено во областа на статистиките поврзани со пазарот на труд. Беше постигната поголема искористеност на статистичкиот регистар за вработеност, формиран врз основа на податоците од УЈП, од кој се користат податоците за продуцирање статистики кои дотогаш се спроведуваа со теренски истражувања. Со цел дигитализирање на процесот на прибирање податоци, за првпат беа поставени статистички обрасци на Националниот портал за е-Услуги – uslugi.gov.mk – од областа на високото образование. Воедно, се зголеми бројот на статистичките истражувања за кои податоците се прибираат електронски преку воспоставениот систем за електронско прибирање на податоците еСтат, а во анкетите за домаќинствата сè повеќе се применува методот CAPI“, објаснува директорот.

Дигитализацијата, поврзувањето на административните регистри и примената на новите технологии, според него, имаат потенцијал суштински да го променат начинот на кој се произведува официјалната статистика.

„Не станува збор само за побрза обработка на податоците, туку за промена на целиот статистички процес – од начинот на кој се прибираат податоците, преку нивната проверка и обработка, до нивното објавување и користење. Една од најзначајните можности е поголемото користење на административните податоци што веќе ги поседуваат институциите. Со подобро поврзување и соодветно искористување на административните регистри, може да се намали потребата од дополнително прибирање исти или слични податоци од граѓаните и деловните субјекти. Тоа значи помало административно оптоварување за извештајните единици, поефикасно искористување на јавните ресурси и можност за побрзо обезбедување статистички информации. Новите технологии, вклучително и автоматизацијата на одредени процеси, може да придонесат за побрза обработка на податоците, полесно откривање на нелогичностите и подобрување на контролата на квалитетот“, посочи тој.

Најголемите предизвици со кои се соочува Државниот завод за статистика, како што оцени директорот на ДЗС, се поврзани со обезбедувањето квалитетни, точни и навремени податоци во услови на ограничени човечки и технички ресурси, но и со сè поголемите барања на корисниците на статистички информации.

Станков објаснува дека прибирањето на податоците е особено сложен процес, бидејќи во голема мера зависи од соработката со извештајните единици, односно деловните субјекти, институциите и граѓаните кои учествуваат во статистичките истражувања. Предизвиците се однесуваат на навременото доставување на податоците, нивната целосност и точност, како и на потребата да се намали оптовареноста на давателите на податоци.

„Токму затоа, еден од нашите приоритети е поголемо користење на административните извори и воведување поефикасни начини на прибирање на податоците. По нивното прибирање следат проверката, обработката и анализата, процеси кои бараат стручност, искуство и внимателна примена на статистичките методологии. Податоците мора да се проверат од аспект на нивната целосност, логичка и меѓусебна усогласеност, како и споредливост со податоците од претходните периоди. Секоја утврдена неправилност бара дополнителни проверки и, кога е потребно, комуникација со давателите на податоците. Сето тоа е неопходно за да се обезбеди доверлив статистички производ“, вели тој.

Станков исто така посочи дека подготовките за Пописот на населението во 2031 година се веќе во тек. Нивната цел е навремено да се преземат сите потребни активности за да се создадат услови за спроведување на пописот врз основа на административни регистри.

„Тоа е процес што бара сериозна подготовка, добра координација со институциите и континуирано унапредување на квалитетот на податоците со кои располагаме. Во оваа насока, внимателно ги следиме меѓународните препораки, новините во методологијата и искуствата на другите земји кои веќе применуваат регистарски попис или се подготвуваат за ваков начин на спроведување“, наведува тој.

Директорот на Државниот завод за статистика оценува и дека преминот кон регистарски попис не е едноставен процес. Како што вели, тој не подразбира само користење на податоците што веќе постојат во административните регистри, туку и проверка на нивниот квалитет, целосност и ажурност, како и можност за нивно меѓусебно поврзување.

Токму затоа, Станков најави дека во наредниот период ќе продолжат да работат на создавање на потребните методолошки, технички и институционални предуслови за примена на овој пристап, имајќи ги предвид меѓународните стандарди и добрите практики, но и специфичностите на системот и состојбата со расположливите административни извори.

„Користењето на административните регистри ќе овозможи поефикасно спроведување на пописот, ќе го намали оптоварувањето на граѓаните и ќе придонесе за подобро искористување на податоците што веќе ги поседуваат институциите. Сепак, за да ги постигнеме овие придобивки, потребно е сите предуслови да бидат внимателно исполнети“, нагласи тој.

Запрашан кој статистички производ на Заводот, според него, е особено вреден за граѓаните, компаниите и институциите, а сепак не добива доволно внимание во јавноста, Станков образложи дека сите статистички податоци се важни, бидејќи секој ја отсликува состојбата во одредена област и придонесува за создавање целосна слика за општествените и економските движења во земјата. Затоа, тој не издвои еден статистички производ како поважен од другите. Сепак, истакна дека одредени статистички податоци привлекуваат поголемо внимание кај граѓаните, особено оние што се непосредно поврзани со секојдневниот живот, како што се инфлацијата, платите, вработеноста, животниот стандард или здравјето на населението.

„Тоа е разбирливо, бидејќи овие податоци директно влијаат врз нивните одлуки и врз перцепцијата за квалитетот на животот“, додава тој.

Од друга страна, како што самиот вели, постојат статистички области кои можеби не се толку присутни во јавниот интерес, но нивното значење не е помало. Како такви ги издвои податоците за индустриското производство, земјоделството, енергетиката, животната средина, образованието, демографските движења или деловната активност, кои ги оцени како неопходни за да се разберат пошироките процеси во општеството.