Понекогаш избирам да се исклучам од сè…

Околу нас има премногу информации, најчесто непотребни, информации кои оптоваруваат, кои не се корисни. Околу нас има премногу вести, слики, зборови и звуци. Јас го замислувам мозокот како фиока во која ги складирам сите тие гпупости. И на крај таа фиока станува преполна па јас не можам да ја затворам, не можам во неа да го пронајдам она што ми треба, не можам да ставам нови работи бидејќи сè е пренатрпуано и хаотично. 

Затоа, понекогаш избирам да се исклучам. Да не бидам достапна. Да правам обични домашни работи и само на тоа да мислам. Полека да готвам, да сечкам зеленчук и само на тоа да мислам. Да шетам покрај река, да ја гледам водата, да гледам во луѓето околу мене и да гледам во облаците и небото. Да пијам кафе, да мижам, да го мирисам тој прекрасен мирис и да ја чувствувам секоја голтка. 

Замолчете. Слушнете се себеси. Повлечете се додека не соберете сила да го расчистите хаосот. Да поставите граници. Да се исклучите себеси. Да научите да молчите. 

Не може секој да научи да молчи. Далечен е патот додека се стигне дотаму. 

Нурнете во својата душа. Видете како навистина се чувствувате. Тргнете се од светот и тргнете го светот од себе. Соберете енергија и сила.

Сè додека не почувствувате дека повторно сте застанати на нозе, со енергија и сила за нови победи.