
Општина Гази Баба одбележува 50 години од своето постоење, а по повод големиот јубилеј, вечерва ќе се одржи музичка прослава на Плоштад Автокоманда.
Градоначалникот Бобан Стефковски ги покани граѓаните да бидат дел од прославата, која ќе започне во 20:00 часот и ќе понуди музичка вечер со настапи на повеќе познати изведувачи.
На сцената ќе настапат Огнен Здравковски, Мелани Тарчуловска, Два Бона, Каролина Гочева и Пеџа Јовановиќ.
„Пет децении историја, раст, развој и заеднички спомени заслужуваат голема прослава“, порача Стефковски, повикувајќи ги граѓаните заеднички да го одбележат јубилејот.
Прославата ќе се одржи под мотото „Половина век Гази Баба – половина век приказни, луѓе, маала и спомени“, со цел да се одбележи значењето на општината и нејзиниот развој низ годините.