Половина од младите во државата преземаат напори за промени во општеството

 Согласно податоците од истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД), речиси половина од младите во Северна Македонија или 51 процент, преземаат напори да направат промена во општеството. Најголем дел од нив не успеваат секогаш да ги решат проблемите, но сепак е позитивна работа што младите кои се општествено активни, како и оние коишто преземаат нешта за решавање на проблеми или пак членуваат во форми на младинско организирање, се истите оние кои се позадоволни со своето место во општеството и се посклони повторно да делуваат, а и помалку веројатно да ја напуштат земјата.

Во однос на Европската Унија, 34 отсто од испитаниците се изјасниле дека сме подалеку до влезот во ЕУ во однос на минатата година. Само 45 отсто од младите сметаат дека земјата ќе стане членка на ЕУ, што е пад од 15 процентни поени од пред две години.

Овие податоци денеска ги презентираше Дона Костуранова од Фондацијата за демократија на Вестминстер на панел-дискусијата на тема „Социо-политичко учество на младите“.

На дискусијата учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски кој посочи дека младите лица во државава се високо на агендата на Владата, која има разбирање за нивните барања.

– Навистина е убаво што на овој настан имаме можност да го слушнеме гласот на овие генерации, навистина би сакал се почесто да се гледаме и заеднички да работиме на унапредувањето на условите и на квалитетот на животот во Република Северна Македонија. За нас како Влада е многу важно отворено да говориме за сите барања, сугестии и иницијативи на младите. Токму овој влез, што како претставници на институциите го добиваме од вас младите, ни дава можност да бидеме се подобри и попрецизни во исполнувањето на вашите барања, истакна Ковачевски во своето обраќање.

Главна задача на Владата во однос на младите, според Ковачевски, е да се зголеми довербата на младата популација во институциите, како и заеднички да го негуваат демократскиот пристап, се со цел да се креираат квалитетни младински политики.

– Заеднички со вас работиме на таргетирани политики што овозможуваат услови за квалитетно образование, здравство, социјален систем и намалување на младинската невработеност. Нешто што особено ме радува е што од 43 проценти младинска невработеност во 2015 година, сега таа бројка е на 28 проценти, што практично е преполовена бројката на млади невработени лица во државата, додаде премиерот.

Костуранова истакна дека истражувањето покажува оти младите не се информираат за политичките случувања, односно 57 отсто од нив ретко ги следат политичките настан или пак воопшто не го прават тоа. Во однос на младинските прашања на локално ниво, младите како приоритет за работа на локалните самоуправи го издвојуваат вработувањето, односно 22 отсто сметаат дека тоа е најважно, но понатаму на листата се наоѓаат и образованието со 15 проценти, како и инфраструктурата, јавниот превоз и подобрата животна средина, за коишто 14 отсто сметаат дека се важни.

– Законот за младинско учество и младински политики треба целосно да биде имплементиран. Тоа значи локалните самоуправи да пристапат кон формирање локални младински совети и отворање на младински центри за младите да имаат повеќе можности во својата средина. На национално ниво, пак, неопходна е национална стратегија за млади, формирање национално советодавно тело за млади и собрание, со цел младите да учествуваат во националните политики, вели Костуранова.

На настанот говореше и Џулија Смит, заменик-амбасадорка на Обединетото Кралство во земјава, а обраќања имаа и младите активисти Лука Павиќевиќ, Рита Бехадини и Дениз Селмани.

Меѓу препораките кои произлегоа од настанот се изработувањето на Национална стратегија за млади и повеќе средства од државниот буџет за младински политики. Локалните самоуправи да основаат локални младински совети и да отворат младински центри за повеќе можности за младите на локално ниво. Гарантирање на средношколското учество на законодавно ниво и студентски собранија на секој факултет, се исто така дел од препораките. Беше посочена и важноста која ја има пратеничкиот Клуб за младински прашања и политики во поглед на претставувањето на младите.

– Преку целосно и доследно имплементирање на законот за младинско учество и политики може да се зголеми учеството на младите национално и локално. Низ ваквата интеракција меѓу младите и институциите може да подобри довербата меѓу нив, изјави Дамир Незири, претставник на Фондацијата за демократија во земјата.

Ова истражување на Фондацијата е спроведено во декември 2021 година на репрезентативен примерок на млади на возраст од 15 до 25 години. Ова е трето годишно истражување на ВФД на оваа тема.