Во голема полициска акција на МВР утрово направен е претрес на повеќе локации, а во врска со сомнежи за организиран криминал во Лотарија на Македонија. Меѓу останатите, направен е претрес во домот на поранешниот вицепремиер Артан Груби, но тој не бил пронајден таму, пренесуваат медиумите.
Како што преку социјалните мрежи потврди Груби, тој е во Косово, но тврди дека не пребегнал, ниту е во бегство, туку планира да се врати.
Против него веќе се води истрага за друг случај, за вмешаност во судски процес, за кој се најде на американската црна листа.
Во случајот со сомнежите за тежок криминал во Лотарија, во моментот се трага и по поранешниот директор Прпарим Бајрами, кој исто така не бил во домот и за кого, неофицијално, постојат сомнежи дека пребегнал на Косово уште пред неколку месеци. Неговото семејство, наводно, ветило дека тој ќе се врати.
Во неговиот дом, според неофицијални извори, пронајдена е поголема количина на пари. Бајрами бил дел од кабинетот на Артан Груби во Министерството за политички систем.