Летно пладне – Петре М. Андреевски
Photo by Saurav Mahto on Unsplash
Под мене колку едно тело
снемува сува трева
нигде не ме созема
Поворка од ситно царство
пред мене се разминува
од кого да избегам побргу
Ги брка ли некој воловите
или тие некого бркаат
со кренати диви метли одзади
Се исправам и јас за бегање
со моите нозе и друг кинисува
некој се исмејува озгора
Еден цртеж на птица
дури небото ми покажува
ридот застанува пред него
Но јас веќе бегам кон реката
насадена со глави од биволи
на рогови што вртат по еден обрач од муви
Се издолжувам меѓу ите
поплавени ридови
водата се дели и собира
Па така помислувам
да појдам толку далеку
што веќе ништо да не допирам.