Знам мила, знам како ти е!
Некои луѓе ги има и кога ги нема,
некои ги нема и кога ги има,
некои се заедно, а исто ко да не се,
некои и разделени, заедно се.
Има луѓе што се имаат и кога се немаат,
оти срцето, дом си им го направил
и едно место секогаш им чуваш,
ама кога празно останува, тогаш најполно е,
најмногу ги има кога ги нема.
Затоа не чувај ги солзите,
знам како ти е,
знам дека некои рефрени душата
парампарче ти ја прават
и кога ги слушаш, чиниш, заедно сте
и пак одите на места на кои сте биле
и тогаш тоа тешкото што си го носиш,
уште потешко ми ти станува.
Џабе ти е мила, целиот тој џган околу тебе,
кога душичката ми ти е празна,
не си сама, но осамена си и тажна.
Џабе ти се сите околу тебе со кои се смееш,
кога го нема тој еден со кој можеш
да молчиш и да плачеш.
Знам како ти е, знаеш и ти,
луѓето не напуштаат,
си заминуваат,
некој и без збогум си одат,
но секогаш нешто свое оставаат
и најмногу во нас остануваат
за да ги има и кога ги нема,
некогаш во сонот се враќаат
за да те гушнат доаѓаат,
ама страшна бура во душата ти прават,
оти ете тоа едно место,
пак празно го оставаат.
Некои луѓе ги има и кога ги нема!
- Десанка Николова