Мириса на снег…
Photo by Sasha Matveeva on Unsplash
„Секоја година кога треба да падне првиот снег, јас помислувам на жената која мене најмногу ме сакала.“
Секоја година во она доба од годината кога мириса и знаеш многу добро знаеш дека ќе падне првиот снег ја помислувам баба ми.
Не ја помислувам често – напротив.
И се сеќавам после нејзиниот погреб со татко ми се откостивме од смеење дома.
И се сеќавам како само за миг се најдовме сами во собата и смеењето во истата секунда во плач ни премина.
Ме стегна.
Го стегнав.
Ги избришавме солзите набрзина и ко со пизма некако како да се опцувме двајцата самите себеси
ѓоа мене од моите а него од неговите му е срам и се измешавме меѓу луѓето пак.
Еднаш дури пушевме цигара со татко ми на гробот од баба ми и дедо ми дури и му признав дека некако чувствувам грижа на совест што почесто во мисливе со дедо ми зборувам, а поретко ми иде баба ми и најаве и насоне – да ја видам.
Татко ми се насмеа и ми рече: Да не те мачи Даро, најголеми се таквите луѓе кои ретко ти доаѓаат во мислите и во соништата откако ќе си заминат – оти сте си кажале се, оти е чисто и бело се измеѓу вас – затоа!
Не знам само му шепнав… не знам.
Секоја година во она доба од годината кога мириса и знам многу добро знам дека ќе падне првиот снег ја помислувам баба ми.
Не сум дете јас веќе одамна.
Одамна и таа не е жива.
Снегот и јас сме исто одамна на ратна нога и нит јас го сакам нит тој мене ме сака, а ете сакам само утрото кога ќе осамне првиот снег, кога ќе се разбудам прво само гласот нејзин да и го чујам:
Стани бабе, дој да видиш ела! – дури ја трга завесата.
Да ми ја види насмевката.
И да рече : Куќо бабина..
Да и ја видам насмевката уште еднаш – и да исчезне како пареа…
Тивко.
Неусетно.
Како што си замина…
Како насмевката моја што ќе исчезне кога ќе исчезне и таа. Насмевката моја, за оние што ме сакале мила, за оние што ме отсакале лоша или тажна, за сестра ми – глупа,
за мајка ми „многу пушиш бе“ – насмевката моја.
А само за баба ми – куќа!
„Куќо моја бабина“
Кога треба да падне првиот снег секоја година
јас ја помислувам жената која ме сакаше најмногу на светот, жената која на рацеве ми ја остави и подари
најчистата и најбелата љубов со која уште два живота можам јас да протуркам.
На рацете од тетка ми
и на моиве раце!
Кога не напушташе, кога почина.