Јосип Коцев - Во јули
Го зариваш прстот во мед
и ја вртиш твојата тетратка
со време испишано во фусноти…
Ми горчиш во јули…
Ми горчи твојата љубов
што го надвишува етерот
и тие усни залепени на гради од кадифе…
Ми горчи болката што се самоубива
под две портокалови неба,
тој електричен допир
што ги менува половите на мојот свет…
Со крвав кармин од моето рамо
истекуваат морињата на некои идни лета,
а ние, одејќи напред,
несопирливо се враќаме
по песната на морските галеби…