Нека – Игор Исаковски
за тебе, љубов
нека ме растураат виолини
нека ме черечат дувачи
сите оркестри нека ме разнесат
додека песни ти пишувам
очите ти ги пијам како жолчка од свежо јајце
нека ме шибаат ветришта
нека ме полеваат дождови
сите непогоди нека ме снајдат
само песни да ти пишувам
очите ти ги бакнувам како прво изгрејсонце после зандана
нека ме убиваат огнови
нека ме тонат поплави
сите душмани нека ми се најдат
само во увото да ти шепотам
очите ти ги сркам како алкохол од папок
нека ме, нека нè
нека сè, нека е
само очите љубов чувај ги да се напијам