Подолг зимски распуст доколку грипот продолжи да се шири?

Пикот на грипот се очекува во втората половина на јануари и првата половина на февруари. Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека бројот на заболени од грип може да биде зголемен. Пријавената инциденца е над неделната граница на средна активност на вирусот на грип на национално ниво. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ја следи состојбата и доколку е потребно, ќе дадеме препорака да се донесе мерка со која можеби би се пролонгирал почетокот на второто полугодие од учебната година, изјави директорката на Институтот, Марија Андоновска.

Во период од 29 декември и 4 јануари регистрирани се 1.725 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, што е 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела кога бројот на пријавени лица бил 771.

Бројот на пријавени лица оваа недела во споредба со истата недела минатата сезона, кога бројот бил 331, е зголемен 5,2 пати, а во споредба со истата недела во последните 15 сезони, зголемувањето е 38,7 проценти.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, најмногу пријавени случаи на грип има во Скопје, а потоа следуваат градовите Тетово, Велес, Гостивар и Куманово.