Поднесено е обвинение против двајца браќа поради убиство и обид за убиство на подмолен начин

Јавното обвинителство Скопје денеска информираше дека е поднесено обвинение против двајца браќа дека сториле две кривични дела: убиство и обид за убиство.

„Во текот на истрагата се обезбедени докази кои потврдуваат дека на 01.11.2024 година во Арачиново двајцата браќа на возраст од 23 и 31 година со умисла и на подмолен начин лишиле од живот едно лице и се обиделе да лишат од живот уште едно. Со двајцата оштетени - татко и син обвинетите се договориле да се најдат и да разговараат за наводен долг од 7.000 евра. Со автомобил пристигнале на договорената локација, но по краток разговор, едниот од обвинетите извадил огнено оружје - пиштол и започнал да пука кон жртвите. Од нанесените огнострелни повреди оштетениот татко починал, а синот се здобил со тешки телесни поврeди“, се вели во соопштението.

Од обвинителството соопштуваат дека до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети, бидејќи се уште постојат законските основи за најстрога мерка за обезбедување.