
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека била спроведена акција за подигање на непрописно паркирани возила кај Пазарот во Ченто.
„Општина Гази Баба во координација со МВР и Градски паркинг спроведе акција за подигање на возила кои беа непрописно паркирани на јавни површини, тротоари и коловози во околината на Пазарот Ченто. Со ваквото несовесно паркирање се попречува движењето на возилата, јавниот превоз и пешаците, а воедно се создава и небезбедна сообраќајна средина“, истакна Стефковски во објавата на Фејсбук.
Тој вели дека јасно порачуваат дека нема да има толеранција за узурпација на јавниот простор и непрописното паркирање и дека јавните површини мора да останат проодни и достапни за сите граѓани.
„Ваквите контроли и акции ќе продолжат и во наредниот период и на други локации низ општината со цел воспоставување ред во сообраќајот и поголема безбедност за сите учесници. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, да не паркираат на тротоари и коловози и да покажат поголема сообраќајна култура“, порача градоначалникот.