Подгответе ги чадорите - локално се очекуваат над 30 литри дожд на квадратен метар

По неколкудневното сончево и релативно топло време, од петок следува промена на временските услови. Македонија ќе биде под влијание на циклонска активност со центар над Џенова, која ќе донесе влажни воздушни бранови и почести врнежи од дожд.

Photo by Osman Rana on Unsplash

Во петок и во текот на викендот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи, кои на места ќе бидат пообилни. Особено во западните делови од земјата се очекуваат позначителни количества дожд, локално над 30 литри на квадратен метар.

На одделни места ќе има услови за развој на нестабилна облачност, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Врнежите нема да бидат со ист интензитет насекаде, но се очекува временската промена да биде забележлива низ поголем дел од земјата.

Дождливото време ќе го зафати и Скопје и околината, каде се очекува променливо облачно време со повремени врнежи, кои локално може да бидат пообилни. И покрај промената, дневните температури нема значително да опаднат и ќе останат релативно високи. Утринските температури, пак, ќе бележат пораст поради зголемената облачност.

По стабилните и топли есенски денови, од петок нè очекува вистинска промена на карактерот на времето – затоа чадорите повторно ќе бидат дел од секојдневната опрема.