Подготвени ли се барем маските за загадувањето?

Како навлегуваме во есента, така влегуваме во грижите поврзани со загадувањето на воздухот. Особено, што и од врвот на Водно се гледа дека доцни спроведувањето на мерките против аерозагадувањето. А кога ќе дојдат маглите…

Што може да се направи во овој краток период? Ако веќе се доцни со оние главните проекти кои требаше да го намалат загадувањето, најранливите категории од граѓани веќе сега би требале да знаат дали барем за нив се подготвени маските против аерозагадувањето.

Тендер за нивна набавката беше распишан во март годинава. По неколкумесечните најави, Министерството за здравство тогаш објави дека планира набавка на маски вредна 52.000 евра и кои требаше да се испорачат во рок од еден месец. Но, оттогаш до сега надлежните не соопштија дали и какви маски се набавени и особено што е важно, како и кому ќе се делат. На тоа деновиве предупредија и еколошките активисти.

-Маските, но само оние кои ги филтрираат во најголема мерка ПМ честичките, треба да ги има секое дете, болни, но и останатите граѓани додека дишеме екстремно загадениот воздух, изјави Татјана Чакулев од О2 Иницијатива во неодамнешното интервју за „Скопско ехо“.

Надлежните имаат уште малку време да ги подготват маските за најризичните категории на граѓани. И мора добро да се процени дали зацртаните бројки се доволни. Скопје лани знаеше да биде светски рекордер во загаденост. Затоа со таа подготвеност не смее да се доцни, оти болестите кои ги предизвикува аерозагадувањето никогаш не доцнат.

СкопскоЕхо