
Во пресрет на утрешниот празник Успение на Пресвета Богородица во истоимениот манастир кај Матка во 18:30 часот ќе се одржи вечерна богослужба, а во 22:45 часот ќе започне сеноќното бдение.
Утре, на самиот празник Успение на Пресвета Богородица во 8:30 часот ќе започне светата божествена литургија, која поради големиот број верници ќе биде во дворот на манастирот.
Традиционално во манастирот на празникот се одржува и крводарителска акција, како и сенароден собир, на кој се дели празничен ручек.
Православните верници Утре ќе го одбележат големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, во народот познат како Голема Богородица.
Денот е неработен за православните верници.
Празникот го одбележува земниот крај на Пресвета Богородица, а Црквата го нарекува „успение“ – термин што означува сон, мир и духовно вознесение. Според преданието, Богородица веднаш по смртта била вознесена на небото и станала најголем застапник на луѓето пред Бога.
Во македонските цркви и манастири може да се сретнат уметнички претстави на овој настан, најчесто поставени над влезните порти. Вообичаен е и обичајот на тој ден верниците да не вршат физичка работа, а се верува дека водата со ронка боја од иконата на Богородица има исцелителна моќ.
Празникот Успение на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте најголеми христијански празници, посветен на денот кога таа се преселила на небото.