ПОЧНУВА УПИСОТ НА ПРВАЧИЊАТА: Без прегледани заби и примени вакцини, нема упис во прво

Од денеска до 1 септември ќе трае уписот на првачињата во некое од 360 основни училишта во земјава, а во кои ќе можат да се запишат околу 20.000 најмлади ученици.

Во прво одделение ќе се запишуваат деца што се родени во 2011 година и до крајот на календарската 2017 ќе наполнат шест години. Во прво одделение може да се запише и дете родено во јануари 2012 година, а кое до 31 јануари 2018 ќе наполни шест години.

- При запишување родителот, старателот, со детето треба да дојде до педагошката служба во училиштето со извод од Матична книга на родените за детето, само за увид, лекарска потврда за примени задолжителни вакцини на детето издадена од надлежна здравствена установа, потврда за стоматолошки преглед издадена од стоматолог на јавно здравство, лични карти од двајцата родители или старатели како доказ за местото на живеење. Доколку детето посетувало градинка, родителот при упис може да достави и досие на детето издадено при испис од градинката. Детето може да биде запишано во училиште ако полни 6 години и по 31 јануари 2018 година, по претходно барање на родителот и добиено позитивно мислење од педагогот и психологот во училиштето. По барање на родителите запишувањето на детето може и да се одложи, но единствено со потврда издадена од здравствена установа, која ќе утврди дека не е подготвено да оди на училиште. Основното образование е задолжително, а родителот/старателот на детето е должен да го запише во реонското училиште и е одговорен за негово редовно посетување на наставата - велат од МОН.

Минатата година на 1 септември беа запишани вкупно 21.213 прваче, во учебната 2015/16 во прво одделение биле запишани 21.844 првоодделенци, а пред три години 21.463.

За време на летниот распуст минатата година беа реконструирани и обновени околу 60 училишта, со цел да се обезбедат здрави услови за престој и едукација на децата.

Основците учат по наставни програми од Kембриџ, а што е предвидено со договорот за соработка што во име на Владата го потпишаа директорот на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, и генералниот директор на Меѓународниот центар за наставни програми - Kембриџ, Мајкл О’Саливан.

Имплементацијата на Kембриџ, во образовниот систем во Република Македонија, се реализира во временска рамка од пет години, за што секоја година ќе се потпишува нов договор за следното ниво на имплементација.

Освен испорака, адаптација на наставни програми и мониторинг на имплементацијата, договорите предвидуваат и обука на наставниците.

Воведувањето на наставните програми и учебници по математика и природните науки за првоодделенците почнаа во 2013/14 година, за тие од четврто до шесто одделение, во учебната 2015/2016 година, а целосното заокружување на реформата заврши минатата учебна година. За сите основци е обезбеден концепт на бесплатно обезбедување и достава на учебниците во сите училишта.

cheap nike air max 90