Почнува фестивалот на мјузикли за деца и млади, ќе трае до 5 јуни

Од денес па до 5 јуни во организација на ЈУ Детски културен центар – Карпош ќе се одржи второто издание од фестивалот посветен на мјузикли за деца и млади, на сцената во киното Фросина при МКЦ во Скопје.

Настанот, кој е поддржан од Град Скопје, ќе претстави живи изведби на омилените приказни, нудејќи возбудлива можност за публиката од сите возрасти да ја доживеат магијата на мјузиклот.

Фестивалот денеска започнува со „Аладин и волшебната ламба“, изведен на македонски јазик од талентираните членови на Студиото за детски и младински мјзуикли Бродвеј Јуниор од Скопје под раководство на Наташа Јанкова, која е прва во државата која го промовира мјузиклот како сплет од уметности и со голема љубов, страст и ентузијазам им го пренесува на младите генерации.

На 5 јуни најавена е спектакуларна  изведба на „Убавицата и ѕверот“ од талентираните ученици од Интернационалното училиште QSI во Скопје.

„Ова е уникатна можност да се видат на сцена омилените дизниеви филмови, каде раскошните мелодии се збогатени со раскошни костими. Мјузиклот, кој е сплет на сите уметности во едно, е реткост да се види на нашата сцена, особено кога децата настапуваат за деца. Веруваме дека овој фестивал ќе расте од година во година и ќе прерасне во меѓународен настан“, соопшти Детскиот културен центар – Карпош.