Почнаа првите археолошки истражувања на локалитетот Ќеразлк во струмичкото село Баница

НУ „Завод и Музеј Струмица“ деновиве почна со првите археолошки истражувања на локалитетот Ќеразлк во село Баница, кај Струмица, 18 години по откривањето и 17 години од геомагнетните истражувања. Стручниот тим во моментот работи на дооткривањето на калдариумот, најжешката просторија – сауна од бањата.

Со тимот раководи Ване П.Секулов, археолог советник, а во состав се д-р Душко Цветанов, Зорица Костадинова и Даниела Дончева.

„Досега е откриен габаритот на калдариумот и дел од системот за загревање, како што се префурниумот односно просторијата каде се загревала водата и дел хипокаустот, системот за загревање на сауната. Од хипокаустот се откриени кружни столпчиња, суспенсори, носители на висечкиот под како и две колонади низ кој струел топлиот воздух за загервање на подот. Исто така е откриен и дел од системот за загревање на ѕидовите составен од цевки со елипсовидна форма кои се уште стојат прилепени на ѕидовите“ се наведува во соопштението.