Почна изградба на новиот затворен пазар во Драчево

Почна изградбата на нов модерен затворен пазар во населбата Драчево. Објектот ќе биде на површина од 3000 квадратни метри, енергетски ефикасен со целосно уредена инфраструктура, 60-ина деловни објекти, супермаркет и паркинг за 130 возила на покривот. Се очекува да биде завршен во март идната година.

Општина Кисела Вода соопшти дека камен-темелникот денеска го поставија градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и директорот на АД „Скопски пазар” Младен Дамев и дека за помалку од една година модерен пазар ќе добијат жителите на населбата Драчево и продавачите кои имаа тезги на досегашниот пазар и кои, како што наведува, беа најгласни во барањата дека имаат потреба од нов објект со достојни услови за работа.

Ѓорѓиевски рече дека објектот кој постоеше до неодамна воопшто не ги задоволуваше стандардите и потребите на закупците и на купувачите, а состојбата посебно се влошуваше при секој дожд. По согледувањето на фактичката состојба, потребите и можностите, како што рече, Општината постигна договор со „Скопски пазар“ и до март догодина жителите ќе добијат модерен затворен пазар.

- Објектот што од денес почува да се гради ќе располага со 60-тина деловни објекти, еден голем супермаркет, магацински простории, санитарни јазли, ќе има три влеза, како и и пешачка улица. Своите земјоделски производи ќе можат да ги пласираат околу 150 пазарџии, што значи дека првпат по 50 години нашите жители добиват квалитетен простор за пазарење, дополнет со 130-ина паркинг места кои ќе бидат достапни на покривот на овој нов затворен пазар, изјави Ѓорѓиевски.

Директорот на АД „Скопски пазар“ Младен Дамев истакна дека позицијата на пазарот е одлична и дека очекува тој да биде еден од најпрепознатливите објекти во населба Драчево.

- Со инвестиција од околу 180 милиони денари, една од најголемите населби во Скопје ќе добие најсовремен пазар со модерен лик. На површина од 3000 квадратни метри, со 30 локали, 32 киосци и еден супермаркет, а она што посебно би сакал да го нагласам е паркинг просторот со 130 паркинг места. Позицијата на пазарот кој се наоѓа во самиот центар на населбата Драчево, ми дава за право да кажам дека ова е биде еден од најпрепознатливите објекти во оваа населба, рече Дамев и додаде дека со инвестицијата „Скопски пазар“ придонесува во подобрување на условите на жителите во услови на економска криза.

Општина Кисела Вода посочува и дека тоа ќе биде втор модерен затворен пазар кој им го обезбедува на своите жители по првиот, лоциран во централниот дел на Кисела Вода, кој „го изгради од темел и успешно функционира од крајот од минатата година“.