Почна изградба на дополнителен објект на ОУ „Исмаил Ќемали“ во Чаир

Ќе се зголеми просторниот капацитет на Основното училиште „Исмаил Ќемали“ (поранешно ОУ „Рајко Жинзифов“) во населба Топанско Поле, каде што денеска беше поставен камен-темелник за дополнителен објект во кој ќе има осум училници со современи услови за настава.

Дополнителниот објект ќе биде на два ката со по 290 квадратни метри односно вкупна површина на 580 квадрати. Ќе има два тоалета адаптирани за децата со посебни потреби.

Камен-темелникот го поставија градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу и претседателот на ДУИ Али Ахмети.

-Овој инфраструктурен проект се реализира во соработка со приватен донатор – компанијата „Ефтинија импекс“и несомнено дека ќе ги исполни потребите на ова училиште каде што образовниот процес го следат околу 1550 ученици, соопшти Општина Чаир.