Почна градбата на првата од трите дваесеткатници кај Холидеј Ин

Од денеска почнува изградбата на првата од трите 20-катници спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје.

Од компанијата која ќе ги гради зградите „МГ Фешн“ ДОО Скопје испратија соопштение во кое информираат дека почнуваат со градба на зградите од комплексот „Гранд“ врз основа на одобрението за градба добиено од Општина Центар на 13 април годинава.

-Во оваа прва фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи  три нивоа под земја, приземје плус 20 ката и поткровје. Објектот ќе биде изграден согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои имаат минимално влијание врз животната средина. Подземните нивоа се наменети за паркирање на возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека останатите катови се станбени единици со различна големина, велат од „МГ Фешн“. 

Според Деталниот урбанистички план за овој дел предвидена е јавна површина од вкупно 7.500 метри квадратни или приближно површина колку Плоштад Македонија. Од компанијата велат дека нивната визија за овој јавен простор е да се уреди на современ начин, налик на урбаните паркови во светските метрополи, како на пример оној на Порта Ноува  во Милано, а за идејно решение ќе предложат да биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар. 

Во однос на обесштетувањето, „МГ ФЕШН“ ДОО Скопје потсетува дека со целосната реализација на овој проект, жителите на Ново Маало конечно ќе ги почувствуваат бенефитите на современото урбано живеење во главниот град преку урбано регенерирање на овој значаен простор во срцето на Скопје.

Станува збор за обесштетување на повеќе од 300 жители кои сè уште опстојуваат таму како староседелци во центарот на Скопје и кои повеќе од седум децении живеат во супстандардни услови, без фекална и атмосферска канализација, во објекти изградени кон крајот на 19-ти или почетокот на 20-ти век, а притоа со децении имале забрана за каква било реконструкција, доградба или изградба на нивните домови.

Воедно, МГ ФЕШН ДОО Скопје ги повикува сите жители на Ново Маало кои имаат имот на територијата на ДУП Ц08, а со кои досега не се склучени договори за обесштетување, без разлика дали на нивниот имот е предвидена изградба на објекти или јавен простор, да нè контактираат или да дојдат во деловните простории на компанијата за да се склучат соодветни договори за обесштетување со цел изградба на целиот станбено-деловен комплекс предвиден со ДУП Ц08.