
Со емотивна порака, жителите на скопското село Побожје се простуваат од 19-годишниот Никола Маркачевски, кој го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на улицата „Радишанска“ во Бутел.
„Почивај во мир Никола! Со голема тага ја примивме веста за прераното заминување на Никола. Не постојат зборови што можат да ја ублажат болката од загубата на дете и сакана личност. Нека почива во мир, а споменот за него нека живее вечно“, стои во објавата на Фејсбук-страницата на село Побожје.
Од МВР претходно информираа дека несреќата била пријавена на 7 август во 12:12 часот. На улицата „Радишанска“ се судриле патничко возило „алфа ромео“ со италијански регистарски ознаки, управувано од 46-годишен возач, и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од Никола. Деветнаесетгодишникот починал на местото на несреќата.
„Никола Маркачевски, 2006-2026“, стои на крајот од последниот поздрав објавен од неговото родно Побожје.