Почина режисерот и драматург Кирил М. Петрески (1971–2026), долгогодишен член на НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Од театарот соопштија дека Петрески од 2013 година работел како драматург и режисер и дека со својата посветена работа оставил значајна трага во развојот на прилепскиот театар, но и препознатлив печат во македонскиот театар воопшто.
„Неговото прерано заминување е голема загуба за Театарот ‘Војдан Чернодрински’ и за македонскиот театар воопшто“, порачаа од институцијата.
Петрески дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Слободан Унковски, со претставата „Фарса за храбриот Науме“ од Русомир Богдановски.
Во Театарот „Војдан Чернодрински“ режирал бројни претстави, меѓу кои „Уште една за по пат“, „ММЕ кој прв почна“, „Роберто Зуко“, „Четвртата сестра“, „Малиот принц“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Сонот на Цепенков“, „Хамлет од Горно Дупени“, „Демократија“ и „Ученикот“.
Работел и во театрите во Куманово и Охрид, а дел од неговите претстави биле вклучени и во официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Од НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“ упатија искрено сочувство до семејството, блиските, колегите и соработниците на Кирил Петрески.