Почина гибонката Софи во скопската Зоолошка градина

Скопската Зоолошка градина објави дека на седумгодишна возраст почина гибонката Софи.

Од институцијата информираат дека пред околу 12 дена кај животното се појавиле симптоми на малаксаност и потешкотии во движењето. Веднаш биле преземени терапија и лабораториски испитувања од страна на стручен ветеринарен тим. И покрај секојдневното следење и надежите за подобрување, состојбата на Софи нагло се влошила во неделата. Иако биле преземени мерки за реанимација, гибонката не издржала.

По направените анализи на Факултетот за ветеринарна медицина, утврдено е дека животното било позитивно на Mycobacterium tuberculosis complex (MTBC), потврдено со PCR метода од Институтот за ветеринарна медицина.

Од Зоолошката градина посочуваат дека веднаш е известена Агенцијата за храна и ветеринарство, а живеалиштето на гибоните е дезинфицирано и изолирано од другите животни. Дополнително, ќе се извршат испитувања кај останатите единки од групата. „Вакви случаи се појавуваат во зоолошки градини ширум светот и ова не е изолиран случај само во Скопје“, истакнуваат од институцијата.

Софи била меѓу најактивните и највесели гибони, омилена кај вработените и посетителите.

„Нејзиното заминување е голем шок за сите нас. Направивме сè што можевме, но како и кај луѓето, понекогаш болеста не може да се спречи“, додаваат од Зоолошката градина.