Почина Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на „Рибља Чорба“ – икона на балканскиот рок

Легендарниот рок музичар Бора Ѓорѓевиќ, фронтменот на бендот „Рибља Чорба“, почина на 71-годишна возраст. Познат по своите остри и директни текстови, Бора остави длабока трага на музичката сцена во Србија и пошироко на Балканот. Како основач на „Рибља Чорба“ во 1978 година, тој создаде многу хитови кои станаа химни на повеќе генерации.

На официјалната страница на групата „Рибља Чорба“ беше објавена веста за неговата смрт: „Почивај во мир, драги наш Боки. Борислав Бора Ѓорѓевиќ. 01.11.1952 - 04.09.2024“.

Борислав Бора Ѓорѓевиќ, познат како Бора Чорба, беше српски писател, поет, актер и рок музичар, фронтмен на бендот „Рибља Чорба“. Роден на 1 ноември 1952 година во Чачак, младоста ја помина во Белград, а последните години од животот ги помина во Љубљана. Со музика се занимавал од тринаесетгодишна возраст, а од 1978 година беше фронтмен на „Рибља Чорба“.

Бендот е еден од најзначајните рок бендови на Балканот, познат по продадените албуми и бројните концерти во Америка и Австралија.