На 58-годишна возраст во Еквадор почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили, потврдија од неговото семејство.

Кили важеше за еден од највпечатливите современи македонски актери, со бројни филмски, телевизиски и театарски улоги. Публиката ќе го памети по настапите во филмовите „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на 20-от век“ и „Панкот не е мртов“, како и по значајните театарски улоги во претставите „Ричард Трети“, „Злосторство и казна“ и „Ослободување на Скопје“. Остави трага и во телевизиската продукција со улоги во „Трст виа Скопје“, „Бумбари“ и „Досие Скопје“.
Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Дипломирал во 1989 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, на отсекот за актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски.