Сред денешното судење за случајот „Монструм“, третообвинетиот Агим Исмаиловиќ (1979) напладне излегол од Судот и заминал во непознат правец. Ова дошло откако обвинителката Фатиме Фетаи денеска побарала притвор за него и за обвинетиот Фејзи Азири, бидејќи како што наведе – кривичната постапка е при кај.
Според информациите на „Република“, 12:15 часот, Исмаиловиќ побарал да го искористи тоалетот, станал и од судницата излегол без обезбедување. Без никој да го сопре да излезе од суд, по што му се губи трага.
Од МВР за „Република“ велат дека од Судот ги известиле за случајот и велат дека се трага по лицето.
Известени сме од Судот и превземаме мерки за пронаоѓање на лицето, велат од СВР Скопје.
Исмаиловиќ е еден од обвинетите за петкратното убиство што во 2012 година беше извршено кај Смилковското Езеро. Неговиот брат Африм Исмаиловиќ исто така е еден од обвинетите, но тој заедно со Алил Демири, непосредно по петкратното убиство избегаа во Косово.
Освен за Исмаиловиќ, Фетаи побара притвор и за Фејзи Азири, а мерки на претпазливост за Хаки Азири, односно наместо како досега два пати неделно да се пријавува во суд, тоа да го прави секој ден.