По велигденскиот викенд метеж на патиштата: се чека и до еден час на границите, засилени полициски контроли

По продолжениот велигденски викенд, попладнево е забележана зголемена фреквенција на сообраќај на повеќе патни правци низ земјава, особено на влезовите во Скопје и на граничните премини.

Според информации од граѓани, околу 17:30 часот на патарините за влез во Скопје се чека и по повеќе од половина час, поради зголемениот број возила кои се враќаат од празничните дестинации.

Слична е состојбата и на јужната граница, каде на преминот Богородица, за влез во Македонија од Грција, се чека и повеќе од еден час.

Покрај метежот, граѓаните информираат и за зачестени полициски контроли на патиштата. На делницата од Охрид кон Кичево, како и од Кичево кон Скопје, полицијата е присутна на речиси секои два километри.

Надлежните апелираат за внимателно возење и почитување на сообраќајните правила во услови на зголемен интензитет на сообраќај.