По шест децении, отпочната првата реконструкција на каналот во Сингелиќ

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека денес, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, извршиле увид во градежните работи за уредување на коритото на каналот за одводнување во Сингелиќ.

Стефковски посочи дека овој канал бил изграден во 1965 година со цел да ги прифаќа атмосферските води и да обезбеди заштита од поплави и дека од неговата изградба до денес, никогаш не било извршено вакво темелно уредување. 

Вкупната должина на трасата изнесува 1.273,76 метри, а во оваа прва фаза се реализираат 673 метри. Преостанатиот дел ќе биде изведен во втората фаза, со што каналот ќе биде целосно уреден.

Вредноста на договорот изнесува 21.073.863 денари со ДДВ, а средства се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање. Рокот за изведба на градежните работи е 9 месеци.

 Каналот се изработува од бетон, со армирано-бетонски плочи и дилатациони фуги помеѓу плочите, што ќе обезбеди долготрајност, поголема безбедност и подобра функционалност.

„Овој проект е едно од ветувањата што им го дадовме на жителите на Сингелиќ. Денес тоа ветување се претвора во реалност.  Она што со години било запоставено, денес се реализира. Не зборуваме само за планови – работиме на терен, инвестираме во инфраструктурата и решаваме проблеми што директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните“, истакна градоначалникот во објавата на Фејсбук.