
Податокот дека во 2025 година преку извршители од граѓаните биле присилно наплатени над 50 милиони евра – историски највисок износ досега – повторно го отвори прашањето за механизмите на присилна наплата и улогата на јавните претпријатија во овој процес.
Вкупно, во текот на 2025 година преку извршители биле наплатени повеќе од 137 милиони евра, при што компаниите остануваат и најголеми должници и најголеми доверители. Но, драматичниот скок кај физичките лица го насочува вниманието кон праксите што директно ги засегаат граѓаните. Во тој контекст, актуелно останува и прашањето за начинот на кој Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) ги наплатува казните за непрописно паркирање.
Пред неколку месеци, по бројни реакции од граѓани, „Скопје Инфо“ се обрати до претпријатието со конкретни прашања: колкав дел од побарувањата завршуваат кај извршители, дали тоа е единствениот начин на наплата и колку средства на годишно ниво се генерираат преку овој механизам. Од ПОЦ тогаш одговорија дека имаат законска обврска да ги наплатуваат побарувањата и дека извршители се ангажираат само кога обврските не се подмируваат доброволно, по претходни опомени. Посочија дека станува збор за стандардна пракса, согласно Законот за извршување.
Сепак, од претпријатието не доставија конкретни финансиски податоци. Потврдија дека приближно 10 проценти од предметите завршуваат во постапка на присилна наплата, но без да прецизираат колкав износ претставува тоа на годишно ниво.
Со оглед на тоа што ПОЦ годишно процесира илјадници предмети, дури и 10 проценти претставуваат значителен број случаи кои завршуваат кај извршители – а со тоа и со дополнителни трошоци за граѓаните. Во пракса, основниот долг често се зголемува повеќекратно поради извршителски и административни трошоци.
Во услови кога на национално ниво се бележи рекордна присилна наплата од физички лица, останува отворено прашањето: колкав е реалниот удел на јавните претпријатија во тој пораст и дали постојат механизми за поголема транспарентност и поефикасна доброволна наплата, пред предметите да завршат кај извршители.
Од ПОЦ досега нема дополнителен или прецизиран одговор на овие клучни прашања.