По реакциите на Центарци и вчерашната акција, паркот спроти „Нова Македонија“ исчистен и уреден

По реакциите на Центарци за расчистување на просторот спроти Нова Македонија, познат како Паркот на новинари, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вчера сподели дека во координирана акција на инспекциските служби на општина Центар и Министерството за внатрешни работи, јавниот простор на ова место бил расчистен.

Денеска, преку Фејсбук објава, Герасимовски сподели дека Паркот на новинарите го вратиле на жителите чист, уреден и безбеден.

„По пријава од граѓаните, веднаш постапивме. Просторот кај „Нова Македонија“ денеска беше целосно искосен, исчистен од отпад и уреден. Ваквите јавни површини мора да бидат достапни и сигурни за сите, особено за децата и родителите кои секојдневно се собираат таму. Узурпација, шатори, физички пресметки, нема да дозволиме вакви појави во Центар. Ќе реагираме секогаш кога ќе се нарушува јавниот ред, истакна тој во денешната објава.