По казната од 88.000 евра - Ќе почне ли конечно скопска „Комунална“ да чисти?

Скопска „Комунална хигиена“ казнета со парична казна од 88.000 евра. 

- По долг период на трпение и многубројни укажувања, општина Аеродром изрече прекршочна казна во износ од 88.000 евра на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ поради континуирано нефункционирање, несоодветно собирање отпад и негрижа за јавната хигиена на нејзината територија. Оваа санкција не е политичка, туку институционална како резултат на утврдени пропусти во работата на претпријатието. Дополнително, жителите на Аеродром секојдневно се обраќаат до Општината со поплаки за преполни контејнери, неподнослива нечистотија на улиците во сите населби, иако редовно и уредно ги плаќаат комуналните давачки секој месец, соопштија вчера од општина Аеродром.  

Конечно, ќе биде ли доволна оваа парична казна за јавното претпријатие да почне да си ја работи работата за која добива пари од скопјани?

Нехигиената, преполните континејри и ризиокот од зарази веќе со години се тема која ги загрижува жителите на главниот гард. Велат уредно се плаќаат давачките секој месец, а надвор е хаос од смет. Во летните месеци, со високите температури ризикот по здравјето се зголемува. 

Општина Аеродром е првата која „пресече“ со парична казна. Вакви најави имаше и од општините Центар и Карпош. 

- Ова е навистина крајно сериозно – недозволиво е ова во 21 век. Со години наназад правиме притисок, апелираме до Јавното комунално претпријатие редовно да го чисти сметот. Граѓаните се колатерална штета, а плаќаат за таа услуга, порача Герасимовски пред извесен период.   

- Општина Карпош како дел од Градот Скопје нема намера да војува со ЈП комунална хигиена. Само во името на граѓаните бараме драстично да се подобри индивидуалната хигиена. Во спротивно ќе бидеме принудени да пишуваме казни на правното лице и на одговорното лице во правното лице, порачаа од општина Карпош пред два месеци.