По години чекање, Гоце Делчев и Чукур Маало во Гази Баба добиваат фекална канализација

Општина Гази Баба ја започна постапката за избор на економски оператор кој ќе ја доврши изградбата на фекалната канализација во населените места Гоце Делчев и Чукур Маало – Трубарево.

Со реализацијата на проектот, сите домаќинства во овие две населени места ќе добијат приклучок на фекална канализација, со што ќе се подобрат условите за живот и ќе се унапреди комуналната инфраструктура, известуваат од локалната самоуправа. 

За проектот се обезбедени 512.500 евра преку Европската инвестициона банка и Министерството за животна средина, додека општина Гази Баба ќе учествува со дополнително кофинансирање од 167.000 евра.

Постапката за избор на изведувач ќе трае до 4 август, по што се очекува да започнат градежните работи на терен.

Од општината истакнуваат дека проектот ќе придонесе за почиста животна средина и ќе реши долгогодишен инфраструктурен проблем на жителите од Гоце Делчев и Чукур Маало.