По две години матурантите повторно ќе танцуваат на „Матурска парада“

По двегодишна пауза поради пандемијата од Ковид-19, годинава повторно ќе се одржи „Матурска парада“. Истата е закажана за утре, точно напладне, во 12:00 часот, а матурантите ќе танцуваат кадрил во сите земји учеснички.

Во Скопје „Матурската парада“ ќе се одржи на Плоштадот Македонија каде што ќе танцуваат матуранти од 14 скопски училишта.

Матурантите коишто ќе се натрпреваруваат за поставување гинисов рекорд се од: СУГС „Георги Димитров“, СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“,СУГС „Браќа Миладиновци“,СУГС „Панче Арсовски“, СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“, СУГС „Владо Тасевски“,СУГС „Орце Николов“, СУГС „Димитар Влахов“,СУГС „Лазар Танев“, СУГС „Шаип Јусуф“, СУГС „Јосип Броз Тито“,СУГС „Марија Кири Склодовска“ и СУГС „Кочо Рацин“.

Покровител на манифестацијата во Скопје е Градот Скопје, а организатор и носител на заштитена марка за Република Македонија е Дирекција за култура и уметност на Скопје, а манифестацијата во Скопје ја реализира во соработка со Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“.

Со скопските матуранти годинава на „Матурската парада“ точно во 12 часот ќе танцуваат и нивните врсници од триесетина градови во Словенија, Унгарија, Словачка, Србија и Црна Гора.

Градот Скопје ги поканува граѓаните да дојдат утре на Плоштадот Македонија и да присуствуваат на одржувањето на годинешнава „Матурската парада“ на која ќе танцуваат околу триста скопски матуранти.