
Популарната босанска пејачка Џејла Рамовиќ била задржана од полицијата во Кичево за време на акциската контрола, откако инспекторите утврдиле дека настапува без соодветни документи за работа.
Ова следи откако минатиот викенд истото се случи со српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци.
Рамовиќ и нејзиниот музички бенд ќе се соочат со пријави.
Како што информираат од МВР, на 29/30.11.2025 од страна на ОВР Кичево и РЦГР Запад, во координација со Државен пазарен инспекторат и Државен трудов инспекторат, врз база на претходно изготвен план, била спроведена засилена акциска контрола во угостителски објекти во Кичево.
Притоа, при контрола на угостителски објект лоциран на магистралниот пат Кичево-Охрид, затекнати се Џ.Р.(23), како пејачка и К.Џ.(27), Е.П.(25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), како членови на музички бенд, сите од Босна и Херцеговина, кои вршеле работа без претходно обезбедување на соодветна работна дозвола, со што сториле прекршок по член.23 став.3 од Законот за странци („Службен весник на РМ.„ Бр. 97/2018 и 108/2019), казнив според член 217, став 1, точка 2, од истиот закон, за што им е поднесена прекршочна пријава до Основен суд Кичево, информираат од МВР.