По 76 години „Танец“ се враќа во Велика Британија со „Тешкото“ и „Драчевка“

По 76 години, Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ повторно настапува во Велика Британија.

Ансамблот на 16 септември ќе одржи концерт во Лондон, а два дена подоцна и во Оксфорд, продолжувајќи ја приказната започната со историскиот настап на Меѓународниот фестивал во Ланголен во 1950 година.

Токму во Ланголен „Танец“ за првпат настапи пред меѓународната публика надвор од тогашната Југославија. Претставувањето на македонските ора и песни на фестивалот заврши со освоено прво место, а изведбата на „Тешкото“ остана еден од најпрепознатливите моменти во историјата на ансамблот.

Годинава, „Танец“ повторно ја носи македонската традиција пред британската публика, овојпат во два од најзначајните културни центри во земјата.

На концертите во Лондон на 16 септември и во Оксфорд на 18 септември, ансамблот ќе ги изведе „Тешкото“, „Драчевка“, како и избор од традиционални македонски вокални и инструментални композиции.

Програмата ја обединува препознатливата кореографска и музичка традиција на „Танец“, со автентични носии, традиционални инструменти и сценски изведби кои со децении се дел од репертоарот на ансамблот.

Враќањето во Велика Британија по 76 години има и симболично значење. Ланголен беше местото каде што „Танец“ за првпат се претстави пред светската публика и каде што македонското фолклорно наследство доби меѓународно признание. Денешните настапи во Лондон и Оксфорд се ново поглавје во истата културна приказна.

Со концертите во Велика Британија, „Танец“ продолжува да ја претставува македонската традиција пред меѓународната публика и да го одржува фолклорното наследство како дел од современиот културен живот.