По 30 години повторно се школуваат идни полицајци: 310 ученици ја започнаа наставата во „7 Мај“

По пауза од три децении, Македонија повторно има генерација средношколци кои своето образование ќе го завршат со професија – полициски службеник.

На првиот училишен ден, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја посети Полициската академија, каде официјално започна наставата за 310 ученици од првата генерација на обновеното Средно полициско училиште „7 Мај“.

Во рамки на посетата, Тошковски им ги врачи договорите за школување на првите десет кандидати и им посака успешен почеток на образовниот процес.

„Први септември 2026 година. Конечно после 30 години од последниот упис во рамките на Средното полициско училиште во Македонија, имаме нова генерација на идни полициски службеници“, истакна Тошковски.

Во следните две години учениците ќе поминат низ наставен и практичен процес во кој, покрај нивниот труд и посветеност, значајна улога ќе имаат професорите, менторите и едукаторите.

Министерот изрази уверување дека по завршувањето на школувањето земјата ќе добие нова генерација професионално обучени полициски службеници.

Тој упати благодарност до сите кои во изминатите две години биле вклучени во повторното воспоставување на училиштето, нагласувајќи дека денешниот ден претставува значаен момент за Министерството за внатрешни работи.

Повторното отворање на Средното полициско училиште „7 Мај“ е дел од напорите за зајакнување на кадровските и образовните капацитети на МВР и создавање нови генерации професионални и одговорни полициски службеници.