Плата 15.000, а потребно: Факултетска диплома, работно искуство од пет години, познавање на странски јазици, работа под притисок

Листајќи низ огласите, барајќи работа, секој ден се повеќе се чудам на лакомоста на газдите. Понекогаш имам мисла дека тие кон вработените гледаат како кон непријатели. Од нив сакаат да извадат максимум што можат, да  ги понижат, и да им дадат за возврат нешто минимално.

Како денешните газди ги мотивираат своите работници?

Милена е дипломиран економист. Дипломирала пред пет години, но се уште не може да најде нормална и стабилна работа. Работела многу работи кои не се поврзани со нејзината факултетска диплома, неколку пати работела и како економист, но никогаш платата не и била поголема од 15.000 денари.

-Секој ден ги гледам огласите. И секој ден се чудам се повеќе и повеќе. Бараат млада личност, со факлтетска диплома, од економски факултет. Си велам одлично еве сум. Познавање на минимум два странски јазици. Ахам, супер. Знам англиски и италијански. Работа со компјутер. Супер, си велам. Продолжувам да читам. Флексибилност, работа под притисок, креативност, брзина... Си велам, ќе се прилагодам, морам. Продолжувам да читам понатаму. Искуство во работата, минимум пет години... Ах, ништо и од овој оглас, но продолжувам да читам. Возачка дозвола, и предност ќе имаат оние со сопствен автомобил. По можност кандидатот да е од Скопје. И како за крај, шлаг на торта, плата 12.000 денари...

И не само овој, уште многу други... Некогаш забораваш на гордоста па се пријавуваш, аплицираш, со надеж дека барем ќе имаш искуство, барем ќе земеш некој денар и нема да седиш дома. Одиш таму, и гледаш како некој полуписмен ти е шеф. Ти кажува како да работиш. Те пријавуваат на пола работно време. Работиш со клуч на врата. Имаш само четири слободни денови во текот на месецот. Годишниот одмор не ти е платен...

До кога? До кога газдите ќе гледаат на вработените како непријатели?

-Имав прилика во една фирма додека работев како сметководители, да слушнам како газдата вели дека најлош период од месецот му е кога треба да даде плата, дека срцето го боли. Па уште се удираат во гради, префрлувајќи да бидат среќни работниците што работат баш кај него, ова е лошо, ама има уште полошо...