Планинарот Зоран Николов се искачи на планинскиот венец Памир на Западните Хималаи

Планинарот Зоран Николов, член на ПСК „Осогово“ од Кочани ја заврши експедицијата за искачување на планинскиот венец Памир, што се вбројува меѓу највисоките во светот и е дел од Западните Хималаи.

Во исклучително тешки временски услови со силен ветер и снег, како единствен македонски учесник на 12-дневната експедиција, Николов се искачи на неколку врвови над 5.000 и 6.000 метри. Иако најголем дел од Памир се наоѓа во Таџикистан, искачувањето било реализирано од соседната држава Киргистан.

-Во групата имав колеги од  Австралија, Белорусија, САД, Чешка и од други држави, а нашата цел беше да се искачиме на еден од највисоките врвови на Памир, на над 7.000 метри. Сепак, наидовме на исклучително лоши временски услови, а на планинскиот венец има огромни и опасни процепи на ледниците. Потврда за опасноста е што починаа тројца членови од експедицијата, а јас направив почетничка грешка што во почетокот на пешачењето не носев заштитни очила и привремено добив снежно слепило. За среќа, навреме примив соодветни медикаменти и проблемот беше надминат. Во меѓувреме, водачите шерпаси нè предупредија дека е премногу ризично да продолжиме со искачувањето, поради што бевме приморани да се вратиме во базичниот камп. Иако не успеавме до крај да ја реализираме мисијата, тоа не значи дека ќе се откажам од намерата, истакна Николов.

Поради суровите и тешки услови за искачување, Памир е еден од најголемите предизвици за планинарите од целиот свет, а кочанскиот планинар е меѓу ретките во државата кои искачиле врвови над шест илјади метри.

Како подготовка за овогодишната експедиција, Николов минатата година го искачи врвот Арарат, кој со своите 5.137метри е највисок во Турција.