„Планетата е нашиот дом“, порачаа децата од Кавадарци во рамки на карванот на Халк Банка

Слончето Халки допатува во Кавадарци како дел од карванот „Приказни од моето маало“. Во градот на Мазев, Чемерски и Никола Бадев се одржа креативна работилница во организација на Халкбанк АД Скопје на која учествуваа голем број деца од градот. Тие од рециклирани материјали креираа големи букви со порака: „Планетата е нашиот дом“, која беше поставена пред зградата на Општина Кавадарци. Дополнително, вредните детски раце создадоа и повеќе од 40 цртежи со еко-пароли и мотиви.

„Карванот „Приказни од моето маало“  претставува славење на детската креативност и фантазија. Нашата цел е да им овозможиме на сите деца да создадат свои уметнички дела, но и да научат нешто ново за животната средина, инклузијата, литературата и заедно да изградиме општество во кое ќе се ценат вистинските вредности. За нас важни се децата и нивните визии за иднината“, изјави Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк АД Скопје.

Настанот се одржа во градската библиотека „Феткин“, каде Халкбанк донираше детско катче и книги и сликовници за деца. Целта на овој чин е да се поттикнат децата почесто да ги посетуваат библиотеките и мобилните телефони да ги заменат со книги и сликовници.

„Градските библиотеки треба да бидат вториот дом на децата. Ние постојано работиме на зголемување на книжевниот фонд во нашата библиотека, со нови наслови од домашни и странски автори, со цел да ги привлечеме учениците од основно и средно образование да бидат наши чести посетители. Само преку читање книги можеме да изградиме здрави и успешни локални заедници“, рече Петар Гурев, директор на Градската библиотека „Феткин“ Кавадарци.

Дечињата кои присуствуваа на настанот имаа можност да научат многу нови и интересни работи за биодиверзитетот и природните богатства на тиквешкиот регион низ разговор со Елена Ризова од НВО Еко Живот. Кавадарци е третиот град во карванот „Приказни од моето маало“ откако претходно слончето Халки се дружеше со дечињата во Струмица и во Штип. Целта на оваа серија настани е да се заживее маалскиот живот и да се чујат приказните, идеите и желбите на децата од различни градови во Македонија. На настанот во Кавадарци беше промовирана и „Сликовницата на Халки“ преку чија продажба се донираат средства за поддршка на децата без родители од СОС Детско село. Карванот „Приказни од моето маало“ ќе продолжи во текот на целата година и ќе посети повеќе градови низ државата.