Писмо до оние кои без збор си заминаа од мојот живот

Животот е интересно патување, но најголемата болка е кога некои работи остануваат недокажани.

Живееме во „ модерно време” кога на луѓето им е полесно да си заминат без поздрав, отколку да разговараат отворено и да се потрудат да ги решат работите. Сето тоа остава трага на нас, некогаш многу повеќе одошто мислиме.

Веројатно сите некогаш сме го направиле тоа, но постојат луѓе кои така живеат постојано, мислејќи дека победуваат со тоа што без збор ќе ве избришат од својот живот. Кога тоа ќе се случи, се прашуваме дали сме можеле да смениме нешто, што сме згрешиле и како би било кога би било. Но, не можеме да направиме ништо.

Колку и да градиме добар и отворен однос со друга личност, без оглед на тоа дали станува збор за пријател или партнер, никогаш не можеме да ги натераме да бидат искрени и отворени, ниту пак секогаш да предвидиме како ќе се однесуваат.

Во мојот живот се случиле стотици такви ситуации кога некој само така без збор си заминал и знам дека секогаш сум се прашувала дали можеби сум можела да забележам некои знаци кои покажувале дека ќе се случи тоа. Веројатно не, но не е ни важно.

Важно е дека никогаш не можеме да предвидиме како некој ќе одлучи да го заврши пријателството или врската и иако сето ова е дел од едно модерно функционирање, јас одбирам да не живеам така. Колку и да се тешки и комплицирани работите, секогаш ќе одбирам да разговарам, а дури потоа да си заминам.

Никогаш нема да го изберам најлесниот начин бидејќи тоа нема да ми помогне да живеам подобро, а верувам дека не помага никому. Но, штом некој си замине, нема веќе да помислам на него, бидејќи таа личност воопшто не мислела на мојата среќа или болка кога ја донела таа одлука.

Уште поважно, ако некој го направи тоа, тогаш таа личност веќе нема никакво право да се врати во мојот живот. 

На сите им го посакувам најдоброто, но за себе прво си посакувам мир и слобода кога некој ќе реши така да си замине.