Пикасо во МКЦ – бесплатно до 16ти март

Младинскиот културен центар во соработка со приватната галерија „Висконти“ од Љубљана, Словенија пред македонската публика ја претстави изложбата на дела од големиот шпански сликар Пабло Пикасо.

На оваа изложба е претставена збирка од четириесет и шест графички дела на Пабло Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, кои го опфаќаат временскиот период од 1932 до 1969 година.

Во сржта на збирката се наоѓаат комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела.

„Двојна флејта“ (“Flute Double”), 1967, содржи шеснаесет литографии направени според цртежи и лавирани акварели од периодот меѓу 1932 и 1955 година. Заедничката тематика ја претставуваат женски и машки актови, мотиви со минотаури и баханалии од 30-те и 40-те години на 20 век, појадок на трева, шпански мотив според Веласкез, како и портретот на сопругата, Жаклина.

„Фауна и флора од Антиб“ (“Faunes et Flore d’Antibes”), 1960, мапа што претставува девет литографии, со текст на Хаиме Сабартез. Пол Елијар: „Цртежите на Пикасо“, 1952, претставува мапа – книга со шеснаесет факсимили на цртежи од периодот меѓу 1942 и 1946 година. Мапата претставува интересен избор цртежи, од класично нацртана глава на девојка, до симболично дефинирање на фигура, со само неколку потези со линија, и кубистички мртви природи, нацртани во истиот временски период.

Пабло Пикасо создаде еден од најобемните графички опуси, кој можеби нема конкурент меѓу уметниците од 20 век. Во одредени периоди од неговиот живот, графичките записи во плоча или литографски камен се надоврзуваат како во дневник. Познато е дека како незапирлив креатор, Пикасо сакал постојано да менува и да прескокнува од една техника на друга, од цртеж на сликање, од графика на обликување предмети и скулптури.

Познато е дека неговите раце никогаш не мирувале, без разлика дали е во друштво на пријателите, на ручек или на вечера, играјќи си, скоро несвесно, од случајно најдени предмети или хартии, создавал изненадувачки уметнички дела.

Продуцент на изложбата е Михајло Несторовиќ, а делата се во сопственост на Жива Шкодлар Вујиќ и Лазар Вујиќ од галеријата „Висконти“ во Љубљана, Словенија.

Реализацијата на изложбата е помогната со финансиска поддршка од Министерството за култура на РМ.

Од 19 – ти февруари, до 16 – ти март, влезот е бесплатен.