„Пијана со нож го прободела сопругот“ – Хрватска државјанка осомничена за семејно насилство во Кавадарци

Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 30-годишна државјанка на Република Хрватска, со привремен престој во Кавадарци, поради сомнение дека сторила кривично дело телесна повреда во рамки на семејно насилство.

Како што информираат од Обвинителството, на 25 јануари во утринските часови осомничената, во состојба на алкохолизираност со 2,61 промили алкохол во крвта, по вербална расправија физички го нападнала својот сопруг.

Според наводите, таа зела нож од кујната и го прободела оштетениот во левото и десното рамо, по што продолжила да го гребе по вратот и по телото, нанесувајќи му телесни повреди.

Јавниот обвинител, имајќи ги предвид сите околности на случајот, оцени дека се исполнети законските основи за определување мерка притвор и до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување притвор за осомничената.