Покрената е граѓанска петиција со која се бара животната средина конечно да стане еден од приоритетите на државата – од чистиот воздух и безбедната вода до управувањето со отпадот и заштитата на природата.
Photo by Antoine GIRET on Unsplash
Иницијаторите предупредуваат дека еколошката криза веќе директно се одразува врз здравјето, квалитетот на животот и економијата.
Особено загрижува загадувањето на воздухот. Според податоци на Европската агенција за животна средина, до 2023 година Македонија имала највисока релативна стапка на здравствен товар од изложеност на PM2.5 меѓу 40 земји опфатени со анализата.
Во иницијативата се наведуваат и податоци на УНИЦЕФ од 2026 година, според кои 99,9 отсто од децата во Македонија се изложени на штетно загадување на воздухот, со можни последици врз нивното здравје, развој и учење. Проблемот не завршува со воздухот. Диви депонии, палење отпад, загадување на почвата и водите, неконтролирана урбанизација, исчезнување на зелените површини и притисокот врз водните ресурси се дел од пошироката еколошка криза.
Иницијаторите бараат системски мерки, наместо политики што се активираат само кога проблемот ќе стане итен.
„Не сакаме животната средина да биде тема на која се реагира само кога граѓаните ќе го кренат гласот“, се наведува во петицијата што ја покрена активистката Драгана Карашова. На истото предупредува и активистката Ивана Пенева,
која смета дека пожарите, загадувањето, ерозијата и поплавите мора да се гледаат како поврзани ризици.
„За пожарите зборуваме летно време, за загадувањето во зима, а за ерозијата и поплавите дури откако ќе настане штетата. Но природата не функционира по институционални сектори“, вели Пенева.
Според неа, по пожарите не е доволно само да се засадат нови садници. Потребни се процени на ризикот, следење на загадувањето, стабилизација на почвата и долгорочна обнова на шумите.
Пораката на петицијата е едноставна: „Да, животната средина ни е приоритет.“
Можете да ја потпишете на следниот линк.