Петардите на Бит пазар и пркосат на полицијата

Распослани масички, картонски кутии и чергичиња. На нив се продаваат петарди, ракети и други пиротехнички средства што е спротивно на Законот. Но, него и онака никој не го сфаќа сериозно, особено на Бит пазар.

„Кутијата чини 120 денари, ама давај 100 и земи ја“, не' убедува еден од уличните продавачи да ја купиме кутијата со 100 петарди. На нашата забелешка дека е скапо, најпрво не' погледнува остро, а потоа продолжува да се пазари.

„Добро, дај 90, еве и 80. Поевтино нема да најдеш на цел пазар“, уверува момчето, кое нема повеќе од дваесетина години.

На неговата „тезга“ има и ракети што можат да се набават за 250 денари. Продава и други пиротехнички средства што смеат да се продаваат само во специјализирани продавници. Има жестока конкуренција и на пазарот, но и на семафорите околу Бит-пазар, каде што момчиња на возраст од 12-13 години им ги нудат петардите на возачите.

Пазарите се преплавени со шверцувани пиротехнички средства, кои, главно, се од кинеско производство. 

Како и секоја година, полицијата врши редовни контроли, но петарди можат да се купат без проблем.

Пиротехниката што се продава на улиците, пазарите, тезгите, во најголем број не е испитана, квалитетот е сомнителен, па поради тоа, не се ретки повредите. За граѓаните што ќе употребуваат пиротехнички средства се предвидени парични казни од 200 до 500 евра, додека родителите на малолетниците што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра доколку нивните деца пукаат петарди.