
Епидемиолошката состојба со западнонилската треска се смирува, а преземените мерки и засилената координација меѓу Министерството за здравство, здравствените институции и општините даваат резултат, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски.
– Во земјава досега се потврдени вкупно 53 случаи на западнонилска треска. Податоците покажуваат дека просечното времетраење на болничкото лекување изнесува 14 дена, додека најкраткиот период до испис бил осум дена. Институциите континуирано ја следат состојбата, а координираното постапување на централно и на локално ниво придонесува за нејзино стабилизирање, истакна Клековски.
Директорот на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, информираше дека во моментот пет пациенти се лекуваат на одделот за интензивна нега. Тројца од нив се екстубирани и нивната здравствена состојба е подобрена.
Досега 28 пациенти се излекувани и отпуштени од болничко лекување.