Денеска се навршуваат пет години од смртта на Ѓорѓе Балашевиќ.

Пет години без гласот што знаеше да биде и нежeн и остар, и ироничен и болен, без човекот што не нè учеше како да бидеме подобри, туку нè тераше да се погледнеме искрено.Тој беше хроничар на нашите љубови, разочарувања, глупости, војни и тивки порази. Во регион каде што често се зборува гласно, тој зборуваше тивко, прецизно и човечки. Затоа неговите песни не стареат – затоа што не му припаѓаа на моментот, туку на луѓето, од сите делови на Балканот.
Неговите стихови беа полни со мали вистини што болат повеќе од големи пароли. „Неке нове клинце“ не беше само песна за генерации, туку за одговорноста што ја носиме кон оние што доаѓаат по нас. „Живот је море“ нè потсетуваше дека ништо не е црно-бело, дека сите пловиме без мапа, но со избор. А кога ќе речеше „Чувај ми Боже, тихе лудаке“, не зборуваше за слабост, туку за оние ретки луѓе што одбиваат да станат сурови во суров свет. Балашевиќ знаеше дека хуморот е форма на отпор, а емпатијата – форма на храброст.
- Патот до ѕвездите е само етапа на кружниот пат до себеси. Ако знаеш кратенка, нема потреба да талкаш. Не, брат. Си стигнал уште кога си тргнал. Целта ја носиш скриена под капутот, истетовирана на градите како мета. Во тоа е тајната. Во тоа е единствениот трик.
- Се викам Ѓорѓе Балашевиќ. Пријателите ме викаат Ѓоле, непријателите не ме викаат. Но, не ги викам ни јас. Па, кој подолго ќе издржи.
- Засекогаш“ е само збор. Големите зборови обично имаат мала грешка и се намалуваат со трошка, секогаш кога ќе ги изговорите. Ништо не остана од моето „засекогаш“, Бог знае што.
- Таа го прифати секој дел од мене и никогаш не ме замоли да се сменам, но ме смени. Таа е единствената на која навистина и реков како се чувствувам. Не побара од мене да ја држам како капка вода во дланката. Фактот што ја сакам беше доволен за неа.
- Дамите бираат. О, како поинаку… И тие најчесто избираат копилиња.
- Има тишина на која се сеќавам повеќе од најубавите зборови.
- Сè си има свое време – кога мрзне и кога врие, кога менува бои. Кога венее и зрее, сè си има свој почеток и крај. Темнината постои за да го повика светлото.
- Луѓето се како школки, мораш да отвориш илјадници за да најдеш бисер.
Големината на Балашевиќ не беше во стадионите што ги полнеше, туку во тоа што успеваше да нè направи помалку цинични, барем додека трае песната. Во регион што преживеа распаѓања, омрази и замори, тој остана еден од ретките заеднички јазици што сè уште нè разбираат. Пет години подоцна, неговите зборови сè уште важат, да нѐ утешат, но и да нѐ одржат живи, во ова време-невреме.