Пешачките премини некогаш се како „бојно поле“

Македонската јавност е потресена од веста за смртта на млада девојка која вчеравечер беше прегзена на пешачки премин во близина на трговскиот центар „Сити мол“.

Не е прв пат ваква трагедија да се случи на македонските улици, поточно на пешачките премини каде и впрочем печаците се должни да преминуваат улица. За жал, има возачи кои брзаат, претекнуваат, возат пијани и/или дрогирани, па дури и без возачка дозвола, а само дел од секунда е пресуден некогаш нивното брзање или непочитување на сообраќајните правила да заврши фатално за нејчиј живот.

-Во Скопје е страшно на пешачки премин. Секојдневна пракса е да не застануваат возила на пешачки, да брзаат да поминат и на зелено за пешаци... Јас лично внимавам многу, но некогаш може туѓото невнимание да биде пресудно. Да, пешачките премини кај нас се како „бојно поле“, каде брзаме сите секогаш се прашуваме кога ќе се потресеме од некаква ваква или слична трагедија. Ќе стигнеме сите секаде, единствено нема враќање од оној свет, каде за жал замина оваа млада девојка, невина, пишува една скопјанка која е видно потресена.

Факт е дека пешаците и натаму се најранлива категорија учесници во сообраќајот.

 Од 25 до 30 % од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди, се пешаци. За жал и покрај тоа што спаѓаат во групата на ризични и ранливи групи на учесници во сообраќајот, пешаците се истовремено и најнедисциплинирани учесници во сообраќајот.

Пешаците учествуваат во сообраќајот реализирајки ги своите секојдневни активности и главниот проблем е тоа што кај пешаците недостасува чувство дека и тие се активни учесници во сообраќајот и дека и за нив важат сообраќајни правила и прописи кои мораат да ги почитуваат, констатираат често познавачите на областа.

Од друга страна, возачите не ги почитуваат пешаците како рамноправни и ранливи учесници во сообраќајот, и за жал последицата од таквиот пристап е од 30 до 35 загинати пешаци во сообраќајни незгоди просечно годишно, при што повеќе од 50 % од загинатите пешаци се возрасни лица над 60 години, нотираат од Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот.

За безбедно преминување на улицата потребно е максимално и целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и од страна на пешаците и секако и од страна на возачите, потсетуваат постојано оттаму, упатувајќи апели и до сите општествени чинители да внимаваат на својот и туѓие животи.

Статистиката за 2020 година покажува дека во 2020 година 125 лица загинале во сообраќајни незгоди, од кои 57 во населено место, и 68 надвор од населено место. Од загинатите, 20 се пешаци, 18 се мотоциклисти, 5 велосипедисти, 6 возачи на трактор, итн. Според возраста на загинатите лица, најмногу- 41 лице се на возраст од 41-54 години, 3 лица на возраст до 14 години и 7 лица на возраст од 15 до 19 години, итн.