Период на штрајкови - вработените бараат повисоки плати од Владата

По растот на минималната плата со субвенционирање од државата, со свои барања се активираа и вработените од голем број други сектори. Бараат повисока плата, односно скалест раст на платите во земјава, откако работниците наместо 15.000 денари, од овој месец, ќе земаат минималец од 18.000 денари.

Во четврток и петок оваа недела вработените во судовите, министерствата, агенциите и останатите државни институции ќе имаат двочасовен предупредувачки штрајк на работното место кој ќе трае од 10 до 12 часот. Синдикатот УПОЗ кој ги застапува правата на овие вработени, тврди дека 95 отсто од службениците не ја добиле зголемената минимална плата од 18.000 денари, а останатите или не добиле плата или пак имаат грешки во сумата.

Од следниот понеделник, 1. април, ќе штрајкуваат образовните работници. Тоа значи нема настава и нема згрижување на деца во градинките. Членовите на СОНК се револтирани бидејќи платите во овој сектор се на границата со законскиот минималец и бараат покачување од 18,5 отсто.

На 14. Април со генерален штрајк почнуваат вработените во Македонска пошта, а како што велат од нивниот синдикат штрајкот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. Тие бараат покачување на платите во износ од 3.000 денари.